Поранешниот началник на штипската полиција Љупчо Трајковски, кој беше фатен во организиран шверц на мигранти, сега е советник во (БЈБ) Бирото за јавна безбедност. Тој е прераспределен на новото работно место пред заминувањето на Оливер Спасовски од МВР и во време кога против него се води судски процес за помагање при криумчарање на мигранти, објави тв24.

Откако Трајковски „падна“ во аферата под кодно име Чичек, заедно со уште 19 лица, против него се водела дисциплинска постапка во МВР, која сега е завршена. Некогашниот прв човек на полицијата во Штип е советник во Бирото под чија надлежност се шест сектори меѓу кои и секторот за гранични работи и миграции, криминалистичка полиција. Но, од МВР тврдат дека тоа не е унапредување, туку напротив деградирање.

Согласно Законот за полиција и Колективниот договор на МВР е прераспореден од Категорија Б- раководни работници во пониска категорија Г-стручни работници како полициски советник со личен месечен доход од 100 бодови помалку од претходното работно место. – МВР

Повеќе детали околу внатрешната истрага не се откриваат, па останува нејасно како е одлучено да му бидат одземени само 100 бода- факт кој е клучен за прераспределба во друг оддел. Информациите од МВР за ТВ24 се дека тој бил суспендиран додека течела дисциплинската постапка, иако не прецизираат колку време траела суспензијата. Откако е завршена дисциплинската Трајковски бил казнет и парично. Прераспределбата на новото работно место е извршена на 20 декември минатата година, или по 10 дена откако во скопскиот кривичен суд е закажано првото рочиште за случајот „Чичек“. Адвокатката на Трајковски не сакаше да даде никаква информација и коментар поврзани со овој случај.

Притвор во овој случај има само за 9 лица, а за екс началникот Трајковски поблага мерка на претпазливост. Најстрогата мерка обвинителството за организиран криминал не ја побарало за него, бидејќи имал тешки здравствени проблеми, велат од таму за ТВ24. Истрагата е отворена на 15 февруари лани , а обвинението Чичек е поднесено шест месеци потоа до Кривичниот суд или на 15 август, период во кој Трајковски е на боледување и се соочува со суспензијата. Обвинителството на Вилма Русковска го гони поради помагање организираната група со полициски информации. Ги известувал каде се полициските патроли или заседи, информирал дали против некој од членовите на групата се води истрага и давал насоки за прикривање на активностите. Оваа помош Трајковски ја наплаќал по околу 200 евра од возило. Обвинителството на суд докажува дека од мај 2018 година до февруари 2019 година групата организирала криумчарење на илегални мигранти од Авганистан, Пакистан, Ирак и Бангладеш преку дивите премини со Грција. Мигрантите ги засолнувале во кумановски села, а потоа преку зелениот појас ги пренесувале кон Србија.

Овој случај го води судијката Добрила Кацарска.


Извор: 24ТВ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.