Во Лозана, Швајцарија денеска ќе бидат погребани таткото Наум Колев (47) и синот Андон (23) од селото Мокриево, струмичко, кои беа убиени на 26 минатиот месец во местото Соренс, во кантонот Фрибург, а нивните тела беа пронајдени наредниот ден на фарма за коњи покриени со арско ѓубре, соопштија од Македонската православна црковна општина „Собор на сите македонски светители“.

Според информации од Швајцарија, тие ќе бидат погребани таму поради пандемијата од коронавирус и неможноста да бидат донесени дома.

Семејството Колеви петнаесетина години живеело во Швајцарија и важело за мирно и работливо. Според струмичани што живеат таму, таткото и синот заминале кобната вечер од својот дом за да си ги повлечат дадените пари за купување на земјоделска механизација.

Швајцарските истражни органи за убиството сомничат триесетгодишен маж, кој е уапсен и ја признал вмешаноста во убиството. При претресот кај него било пронајдено огнено оружје, а истрагата треба да ги утврди околностите под кои биле убиени таткото и синот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.