Ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, влезе во затворот во Струга да ја опслужува затворската казна од три години, која ја доби откако се спогоди за случајот „Империја“. До затворот дошол сам, без обезбедување како што обично се движи, дознава „А1он“. На врата му бил направен личен претрес за да не внесува недозволени предмети. Заедно со него, Мијалков понел и лични работи, односно пред затворот се појавил со куфер.

Според неофицијални информации, Мијалков на почеток не може и нема да ужива погодности како што се право на работно ангажирање и одмор. Тоа ќе треба да му се овозможи по еден месец од почетокот на издржување на затворската казна. Потоа, ќе може да излегува во текот на денот, а во затворот само да преноќува, како работно ангажирано лице.

Влезот во затвор на Мијалков доаѓа откако еднаш тој го одложи издржувањето на затворската казна поради здравствени причини. Во меѓувреме, во хотелот „Мериот“ го славеше раѓањето на неговата прва внука, од синот Јордан. Два дена подоцна, без да побара ново одлагање, се јави на издржување на казната.

Издржувањето на затворската казна во затворот во Струга, кој е од отворен тип, наиде на бурни реакции кај јавноста. Министерот за правда, Никола Тупанчески, ова го нарече „затворски туризам“, бидејќи погодностите во овој затвор се многу поголеми, а Мијалков не е прв кој искористи можност да одлежи казна таму, со промена на живеалиштето во Охрид.

Пресудата за „Империја“ по претходна спогодба со Мијалков, беше изречена на 8 јули. Мијалков казната од три години ја доби со спогодба преку која на државата и даде имот вреден над 30 милиони евра



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.