Полицискиот службеник Филип Филиповски, вработен во управните служби на МВР во моментот е сместен на клиниката КАРИЛ откако прексиноќа со нож бил прободен од две момчиња во скопско Марино. Во моментот е во стабилна состојба и е комуникативен, објави „Слободен печат“ по информациите што ги добиле од Скопскиот ургентен центар. Таткото на повредениот тврди дека синот има тешки оштетувања и животот му е загрозен.

Еден од напаѓачите е син на Звонко Цветковски, полициски советник во МВР поради што најблиските се плашат од затскривање на случајот и преку Фејсбук побараа ефикасна истрага. Цветковски е поранешен градоначалник на Петровец, а беше и кандидат на СДСМ за истата функција на последните локални избори. Во петокот вечерта, синот на Цветковски и уште едно момче со нож го нападнале и избодиле во стомак Филип Филиповски во дискотека во Марино. Жртвата се обидела да спречи банална расправија, тврди неговиот татко.

Напаѓачите се обезбедени, од нив е земена изјава, по што се пуштени, а истрагата е во тек, велат од МВР. ВМРО-ДПМНЕ случајот го спомна и во денешната прес конференција на која го обвини министерот Спасовски за како што тврдат лошата безбедносна ситуација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.