По пријава на Центарот за управување со кризи Одделот за воздухопловни единици на МВР денеска интервенираше на подрачјето помеѓу Македонски Брод и Општина Пласница со еден хеликоптер од типот „Бел 212“ при што се исфрлени над седум тони вода.

Според најавите од МВР, гаснењето на пожарот ќе продолжи утре наутро со крајна цел ставање на пожарот под контрола.

Последнава година Министерството за внатрешни работи заедно со Одделот за воздухопловни единици, за потребите на Хеликоптерската единица за полициски намени, која во рамки на МВР постои од 1969 година и е опремена со 3 хеликоптери марка „Бел“, ги препозна потребите на државата за поуспешно справување со пожарите, а со тоа и подобра заштита на граѓаните и имотот.

За да се овозможи успешно користење на опремата беше спроведена меѓународна обука од словенечката полиција, и тоа за носење подвесен товар и за гаснење на пожари. Обуката успешно ја завршија сите пилоти на Хеликоптерската единица за полициски намени, соопшти МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.