Пијани биле сите што неодамна биле тестирани при излегување од дискотека во Кавадарци. Ваков податок изнесе кавадаречкиот градоначалник на седница на Советот, кога во делот за советнички прашања советникот Лазар Туриманџов соопшти дека, според информациите до кои дошол, пред извесно време ниту едно дете во Кавадарци не било трезно при акцијата за алкотестирање.

Имаше една добра акција поставена од Министерството за внатрешни работи и веројатно за таа станува збор. Со наша заедничка координација и на полицијата, беше поставена сообраќајна патрола пред полициската станица во Кавадарци. Сите што излегуваа од дискотеката во центарот, а се спуштаа надолу, немаше каде да бегаат и беа застанати. Е, сите беа пијани. За жал, нема култура кај нас кога луѓето се под дејство на алкохол да го остават автомобилот или да фатат такси и слично. Сите ги правиме грешките. Казните се ригорозни. А не дај боже да се направи некоја штета под дејство на алкохол, последиците се тешки. Не сме имуни на таа работа, рече Јанчев.

При последната координирана акција во двете соседни тиквешки општини, соопшти Јанчев, во Неготино поради алкохолизираност биле одземени три, а во Кавадарци две возачки дозволи. 

Ако земеме по број на жители, во Неготино имало повеќе лица под дејство на алкохол. Но, сепак, треба да се работи превентивно на тој план. Министерството за внатрешни работи сега има воведено нов систем за работа, така што веќе никој не може да го прикрие алкохолот. Тоа значи дека ако те алкотестира полицаец, сите уреди на МВР како дегери за алкотест се со џипиес-систем врзани во централната база на Министерството и нема назад. Така што нема повеќе јас ќе се јавам на овој да ми ја скине казната, никој не може да ја скине казната. Санкциите во делот на алкохолот се од неколку категории. Под дејство на алкохол, средно пијан, без контрола. Во Советот за превенција што ќе го формираме, а во кој ќе биде и командирот на кавадаречката полиција, ќе работиме во интерес на сите, нагласи Јанчев. 

Почести контроли за помалку пијанства 

Обраќајќи се во делот на советнички прашања, советникот Туриманџов рече дека станува збор за фрапантна ситуација, доколку е вистина тоа што го разбрал, дека тестираните млади таа ноќ биле со алкохолизираност во крвта  од 0,5 до  неславен рекорд од 2,5 промили.

-Јас се запрепастив кога го слушнав тоа. Страшна работа. Сите сме тука родители, сите имаме деца. Работата во Кавадарци е многу сериозна. Еве сега се трудиме како советници  да формираме совет за превенција. Би апелирал до градоначалникот да се обратиме до Полициска станица од општа надлежност Кавадарци, за време на викендите да дејствува превентивно. Се сеќавам кога јас бев помлад, работев и на бензинска пумпа, немаше петок и сабота во населбата Глишиќ да нема полициско возило и да не прави контрола. Мислам дека таквото нешто дејствува превентивно, луѓето ќе го имаат тоа предвид. Да се ангажираме малку повеќе. Кавадаречката полиција да преземе мерки и почесто да прави контроли, особено да се присутни за време на викенди на влезовите и излезите од градот, за превентивно да се дејствува врз децата, апелира тој.

Вакви сознанија добил и советникот Зоран Јованчев, кој е претседател на Комисијата за безбедност во сообраќајот на патиштата. Тој исто така изрази загриженост како и сите други на седницата и посака превентивното дејствување уште од најмлада возраст да вроди со плод во борбата против алкохолизираноста.

Се опиваат и кавадарчани на 14 години

За тоа колку возачи кои управувале со моторни возила под дејство на алкохол биле исконтролирани во 2018 година, МИА побара одговор од Секторот за внатрешни работи Велес. 

Минатата година биле исконтролирани вкупно 4.659 возачи во Велес, Кавадарци и Неготино. Од нив, 918 биле позитивни. Од 2.452 исконтролирани во Велес, позитивни биле 443 возачи. Позитивни биле 248 возачи, од вкупно проверени 1.494 во Кавадарци. Проверката кај 713 возачи во Неготино покажала позитивни резултати кај 227 од нив. На сите кои управувале под дејство на алкохол им биле одземени возачките дозволи, стои во е-пораката од портпаролот Верољуб Додевски. 

Дека пијанствата не се ретка работа во градот на виното и ракијата потврдува и доктор Драган Димитров од Итната медицинска помош во Кавадарци. 

За несреќа, континуирано се соочуваме со доста пијанства за време на нашата работа. Трагедија е што пијат и многу млади луѓе. А пијат и машки и женски. Најмладото пијано лице што ни било донесено имаше само 14 години. Најмногу се пие за викенди и празници. Сите млади кои се пијани, како по некое непишано правило, се правдаат дека им е првпат. А повозрасните се правдаат дека испиле само понекоја чашка. И меѓу едните и меѓу другите имаме и такви кои од премногу алкохол паѓаат и во бессознание, откри докторот за МИА. 

Извор: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.