За неколку дена е закажан вториот обид за почеток на судскиот процес против таткото и ќерката обвинети за бесправно градење на бунгалови на брегот од Мавровското Езеро. Гостиварското обвинителство на почетокот на февруари годинава поднесе обвинение против татко и ќерка, државјани на Косово, како и против нивната фирма, заради бесправно градење на бунгалови во Леуново, блиску до езерото. Првото закажано рочиште во Основниот суд во Гостивар се одложи поради неуредна достава до фирмата во Косово, пишува МКД.мк.

Во обвинителниот акт постоечка адреса за фирмата има само од Косово, но поканата за почеток на судењето која се однесува на фирмата не стасала до таму.

Второто рочиште во Основниот суд во Гостивар е закажано за 26 април. По втор пат судиите ќе се обидат да го почнат судскиот процес во кој треба да се докажува бесправно градење на брегот на Мавровското Езеро.

Редакцијата на МКД.мк во неколку наврати пишуваше за дивоградбите во Леуново, а врз основа на барањето на група граѓани Спас за Маврово во кое беа дадени низа предлози, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно своите надлежности на крајот на минатата година отвори предмет со цел да го испита настанот и се водеше предистражна постапка.

По неколку месеци беше утврдено дека инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности, но сепак тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон.

Во соопштението за поднесениот обвинителен акт пишуваше дека се однесува на две физички и едно правно лице за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик.

Обвинетите, татко и ќерка, државјани на Република Косово, како и правното лице во кое управител била ќерката, во периодот од 10.07.2021 до 20.09.2021 година, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнале да градат осум бунгалови во селото Леуново, општина Маврово и Ростуше. Објектите – цврста градба, на околу 200-300 метри од езерото, биле евидентирани при извршена контрола од градежен инспектор, при што инвеститорите добиле наредба да запрат со градежните активности. И покрај ова, тие продолжиле да ги градат објектите спротивно на закон, соопшти тогаш Обвинителството.

По издаденото решение (на 15 септември, минатата година) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика” кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт”, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Под хотелот Радика се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика“. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите. Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.

Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.

Целиот текст на МКД.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.