Сред денешното судење за случајот „Монструм“, третообвинетиот Агим Исмаиловиќ (1979) напладне излегол од Судот и заминал во непознат правец. Ова дошло откако обвинителката Фатиме Фетаи побарала притвор за него и за обвинетиот Фејзи Азири, бидејќи како што наведе – кривичната постапка е при кај.

Според информациите на „Република“, 12:15 часот, Исмаиловиќ побарал да го искористи тоалетот, станал и од судницата излегол без обезбедување. Без никој да го сопре, излегува од суд, по што му се губи трага.

Од МВР за „Република“ велат дека од Судот ги известиле за случајот и дека се трага по лицето.

Известени сме од Судот и превземаме мерки за пронаоѓање на лицето, велат од СВР Скопје.

Исмаиловиќ е еден од обвинетите за петкратното убиство што во 2012 година беше извршено кај Смилковското Езеро. Неговиот брат Африм Исмаиловиќ исто така е еден од обвинетите, но тој заедно со Алил Демири, непосредно по петкратното убиство избегаа во Косово.

Освен за Исмаиловиќ, Фетаи побара притвор и за Фејзи Азири, а мерки на претпазливост за Хаки Азири, односно наместо како досега два пати неделно да се пријавува во суд, тоа да го прави секој ден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.