Од обвинителството велат се набавуваат материјални докази и се сослушуваат сведоци. Но браќата Усеини сеуште не дале искази оти според полицискиот билтен и двајцата се водат како сеуште недостапни за полицијата.

Судот одреди мерка притвор за бизнисменот и советник во општина Охрид Нефи Усеини. Мерката е одредена и за неговиот брат. Двајцата се сомничат за делото насилство.

Вчера беше поднесена кривична пријава за советникот во општина Охрид Нефи Усеини и неговиот брат во врска со инцидентот кој се случил пред хотел во Охрид каде што тие двајца го напаѓаат Спиро Топаловски.

По наредба на Јавен обвинител, СВР Охрид изврши претрес во домовите на пријавените. Се преземаат мерки за нивно пронаоѓање и за целосно расчистување на случајот, велат од СВР Охрид.

Според тврдењата на Топалоски, советникот Усеини го удирал со пиштол по главата, а истиот пиштол бил вперен и кон неговиот 14 годишен син. Тој вчера во изјава за тв 24 рече и дека Нефи е само извршител додека причината се несогласувањата со бизнисменот Зоре Темелковски околу водоводната мрежа во населбата Рача каде што се соседи.

Усеини вчера ги демантираше тврдењата на Топалоски и рече дека не носел пиштол туку дека имало вербална расправија на која паднале само 2-3 шлаканици. Но, снимките на камерите во хотелот потврдија дека сепак било употребено оружје во целата драма која се случувала на сред бел ден пред објект кој меѓудругото периодов е полн со гости.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.