Денес во 12:15 ч. оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик од страна на група возачи на планински оф-роуд мотори, кои побараа помош за член од групата, кој доживеал несреќа и се стекнал со сериозни повреди на левата натколеница, соопштија од службата.

Местото на несреќата беше лоцирано со помош на GPS координати, по што беше мобилизирана тричлена екипа од ПСС, која веднаш се упати на терен. По околу 30 минути оф-роуд возење, групата беше лоцирана. И покрај лошите теренски услови, повредениот беше целосно имобилизиран и транспортиран безбедно до специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ – Охрид, на понатамошен третман. Акцијата заврши во 14:30 ч. со безбедно враќање на тимот во центарот на Планинската спасителна служба, велат од таму.

Поради вонредната состојба, која владее во државата, предизвикана од пандемијата со коронавирусот, тимот на ПСС применуваше дополнителни заштитни мерки за време на интервенцијата.

Ја користиме оваа прилика уште еднаш да апелираме до сите љубители на планината, да се воздржат од авантури и да останат дома, заштитувајќи го своето здравје, но и здравјето на останатите служби, кои делуваат во ургентни ситуации. За да не се повторуваме, во продолжение го споделуваме линкот од апелот кој го објавивме на 25.03.2020 година. Планинската спасителна служба е секогаш подготвена да помогне во случај на несреќа, но во овие тешки моменти за човештвото, Ве повикуваме да ОСТАНЕТЕ ДОМА, со што вие ќе ни помогнете нам. Со надеж за брзо надминување на кризата и заеднички планински дружби, се вели во нивното сооптшение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.