Камион натоварен со околу два тона цвет од марихуана украден е околу 3 часот по полноќ, од склад на фирмата Ghio шпедиција, лоцирана во село Јосифово.
Оваа информација ја потврди Министерството за внатрешни работи.

Неофицијално, постојат шпекулации дека зад грабежот стојат блиски роднини на функционери од врвот на власта во Македонија, а украдениот камион со марихуаната сега веќе се наоѓа во Србија, пишува Нетпрес.

Околу 03.00 часот, во Полициска станица Валандово е пријавена кражба на марихуана од склад за марихуана на фирма во село Јосифово. СВР Струмица презема интензивни мерки и активности за целосно расчистување на пријавеиот настан, стои во полицискиот билтен.

Претходно, гевгеличанец од крим техника украл марихуана која требало да се вештачи.

34-годишниот Г.Ј. од Гевгелија вчера бил уапсен за кражба од 29 ноември, кога со употреба на сила влегол во полициската станица во Гевгелија и украл марихуана.

Пријавениот, на 29.11.2020 во периодот од 03.30 до 04.00 часот, со употреба на сила влегол во просториите на Отсекот за крим-техника при ОВР Гевгелија и одзел 24 суви растенија Канабис сатива и спакуван материјал за вештачење во вреќа во која имало пластични шишиња од течно ѓубриво, две пластични туби, нож и 25 врвови од 25 растенија Канабис сатива, се вели во соопштението од МВР.

Против него е поднесена кривична пријава за кривичните дела Тешка кражба, Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и Загрозување на сигурноста.

Од МВР додаваат дека при претресот во домот на пријавениот во Гевгелија, при што биле пронајдени одземените предмети, тој се однесувал агресивно и им се заканувал на полициските службеници. Бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гевгелија, велат од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.