Последниот инцидент во Штип каде е запален автобомилот на членови на СДСМ е доказ за тоа за каква обнова се залагаат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска портпаролот на владејачката партија Костадин Костадинов.

Тој рече дека за опозицијата обновата значи обнова на поделбите и насилство врз неистомислениците.

Костадинов пред новинарите денеска го повтори и ставот дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се единствените кои се против НАТО, против ЕУ, против реформите и интересите на државата, што било потврдено и со последните изјави на европски лидери кои за опозицијата оценуваат дека е анти-ЕУ.

На неговата прес-конференција реагираше опозициската партија посочена како виновник.

Случајот со палењето на автомобилите во Штип е показател криминализираноста која СДСМ ја донесе во општеството, исто како во мрачните денови на транзицијата. Денес на улиците владеат криминалците, а полицијата е нем посматрач на нивните активности поради близината на подземјето со власта. Ова е класичен пример за падот на СДСМ и очајот во кој тоне власта, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата на Костадин Костадинов од СДСМ.

Од партијата додаваат дека СДСМ со целиот апарат кој што го има под себе, полицијата, обвинителството, разузнавачките служби и дузина државни институции, крајно е срамно да се обидува да го впери прстот во ВМРО-ДПМНЕ за овој чин.

Ваквите обиди на СДСМ се  класична клевета и лажна вест за да ја покријат целата своја неспособност . Ако сака СДСМ да изигрува истражен орган во државата, тогаш виновниците за овој криминален чин треба да ги бара во врската на штипските социјалдемократи со криминалците од овој крај. Информациите кои кружат во јавноста во Штип говорат дека таму постои сериозна спрега во кои се вмешани високи партиски функционери и сериозни криминални групи, кои можеби не можеле да се спогодат во одредени бизнис релации. Соработката на СДСМ со криминалци не е непозната. Постојат многу фотографии на осомничени дилери со дрога со партиски функционери, но и насилници, убијци, па се до јавната поддршка на Боки 13. Со тоа само се потврдува тезата дека СДСМ шурува со подземјето. Кога – тогаш фактурата од соработката со криминалците стигнува за наплата“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие ја повикуваат полицијата под раководство на Оливер Спасовски да се одважи и да го расветли случајот за палењето на автомобилите во Штип, но и за причинско последичните врски кои најверојатно стојат зад овој чин.

Утрово беа запалени пет возила во Штип. Од нив три целосно се изгорени, а две делумно. Меѓу возилата кои целосно изгореле се двете возила на семејството Тушеви. Едното возило е на Никола Тушев, кој е поранешен претседател од огранокот на СДСМ во Штип, а другото на неговиот татко Мите Тушев. Тие се брат и татко на поранешната пратеничка од СДСМ Маринела Тушева. Возилата биле паркирани на различни места на паркингот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.