Еден обид за криумчарење хероин и неколку обиди за криумчарење разна стока, откриле во текот на минатата недела царинските службеници, при што привремено се задржани автомобил со бункер, автоделови, девизи и фалсификати.

Мобилните царински тимови во соработка со Министерството за внатрешни работи спречија обид за криумчарење на околу еден килограм хероин.

На 13.03.2019 година околу 13:30 часот, на граничниот премин Табановце автопат за излез од државата се пријавил швајцарски автобус кој сообраќал на релација Струга – Берн. При контрола на автобусот, кај последниот ред седишта, под седиштето до прозорот, била пронајдена кеса со две пресувани пакувања со по околу 500 грама хероин. Хероинот беше предаден на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Еден албански автомобил и 22 резервни делови за товарни возила, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на албански автомобил марка Ford Focus, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан, во просторот наменет за резервно тркало бил откриен дополнително вграден резервоар за гориво, одвоен од постоечкиот резервоар, кој според изјавата на возачот имал капацитет од околу 20 литри.

Во вториот случај, во багажникот на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, биле пронајдени 22 резервни делови за товарни возила (гуртни и цилиндри за кочници).

Автомобилот со бункер и непријавените автоделови се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Мобилните царински тимови откриле 1.780 евра при личен претрес на македонски државјанин кој, со македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во торбичка на возачот биле пронајдени 3.780 евра за кои не поседувал документ потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Цариниците откриле 4.920 пара спортски обувки со лого на заштитена трговска марка при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде започната постапка за докажување на нивната оригиналност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.