Автоматски пушки, пушкомитралез, рамки со куршуми, гранати за ракетен фрлач, но и два појаси со експлозив наполнети со песок и метални кулги за поголема разорна моќ е само мал дел од тоа што полицијата заплени во акцијата во која разби тричлена терористичка група.

Уапсените се на возраст од 22 до 28 години. Тројцата се од Куманово, а едниот од нив престојувал во Скопје.

Според соопштението на полицијата, уапсените се рецидивисти, односно повратници, лица кои претходно за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации“ се правосилно осудени и издржале казна затвор.

На почетокот на 2019 година, А.Б. создал терористичка, злосторничка организација во која членуваат В.А., Е.Љ. и уште неколку лица и заедно формирале злосторничка организација „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера на изведување на терористички акт на цели на територија на Република Македонија, соопшти МВР,

За остварување на таа намера, Членовите на групата обезбедувале финансиски средства и набавиле поголема количина на оружје, муниција и воена опрема, која ја складирале во близина на локалниот пат село Биљановце – село Пчиња, кај месноста Менкова Колиба“.

Во акцијата се запленети пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис RD 40мм, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС) и марама со испишани арапски букви. При апсење на осомничените се пронајдени и два појаси со експлозив, метални кугли монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две USB-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви, ПМВ Ауди А-3…

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.