Во пресрет на денешнто сведочење на Александар Василевски Нинџа во случајот за т.н. „организатори“ на настаните на 27-ми април, јавноста се прашува дали Василевски-Нинџа повторно ќе изнесе „сведоштво“ кое на „чуден начин“ ќе кореспондира со потребите на Обвинителството, откако претходните сведоци на Рускоска речиси во целост ги демантираа нејзините тврдења дека зад организирање на насилството стои политичка партија.

ДЕБЕЛО ДОСИЕ НА КРИВИЧНИ ДЕЛА И ЗАТВОРСКИ КАЗНИ – ИСТОРИЈАТА НА НИНЏА

Според повеќе извори, во кривичната евиденција на „сведок“ од калибарот на Нинџа стојат следните дела:

Предизвикување на општа опасност; Изнуда на група, банда со употреба на огнено оружје со последици и со значителна материјална корист; Предизвикување општа опасност; Измама; Предизвикување на општа опасност со тешки последици; Грабнување; Разбојништво; Убиство во обид; Предизвикување општа опасност; Предизвикување опасност со помош на експлозив.

Василевски во повеќе наврати одлежувал затворска казна за повеќе од овие кривични дела. Но, честопати успевал и да се „извлече“ со помали казни, кои следеле откако Нинџа давал сведочења „како по мерка“ на Обвинителството во одредени случаи. Одиме со најпознатите.

СОРАБОТКА МЕЃУ НИНЏА И ОБВИНИТЕЛСТВОТО – ЗА НИВ СВЕДОЧЕЊЕ „ПО МЕРКА“, ЗА НЕГО ПОМАЛА КАЗНА?

Александар Василевски Нинџа е уапсен е на 12-ти декември 2012 година поради сомнение дека две недели претходно пукал во Драганчо Стојменов, инаку клучниот сведок во случајот „Детонатор“. На почетокот на овој случај, Нинџа е обвинет за обид за убиство.

Само по 2 месеци се случува „неочекуван пресврт“ во судскиот процес на Нинџа па делото од „обид за убиство“ е преквалификувано во драстично полесно дело односно „нанесување на тешка телесна повреда“, по што на 28 февруари 2013 година судот експресно по промената на квалификацијата го осудува на казна затвор од само 10 месеци.

Што се случува во меѓувреме, пред да дојде до оваа „изненадувачка“ преквалификација на делото на Василевски?

НИНЏА ПО 12 ГОДИНИ ДАВА ПРОМЕНЕТО СВЕДОЧЕЊЕ ЗА СЛУЧАЈОТ РОВЕР

Поточно, на 6-ти февруари 2013-та година, цели 12 години по двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев, Нинџа сведочи дека се сетил на детали од кобниот ден за двајцата мртви, иако во првите моменти по убиството во изјава кажал дека било темно и не видел како се случило.

И иако 12 години претходно во врска со настанот дал изјава дека не видел ништо од убиството, во февруари 2013-та одеднаш му се освежува меморијата и зачудувачки се сеќава на нови детали за „Ровер“ и убиството на двајца луѓе. По 12 години молк, додека е обвинет за убиство во друг случај, Нинџа како сведок со свежа меморија во судот раскажал за убиството на Тушевски и Јанев, релациите меѓу жртвата Тушевски и обвинетите во случајот, како и за причините за двократното убиство.

Ова е извадок од текстот објавен на порталот Плус Инфо на 6-ти февруари 2013-та, насловен „Прво не ги видел осомничените убијци, сега се премисли“

ГИ ВИДОВ?

„Ги видов“, рече во судницата попладнево Александар Василевски викан Нинџа, сведочејќи за ноќта кога се случило убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година. Тој таков одговор упати до адвокатите, посочувајќи на обвинетите во судницата како сторители на убиството, иако при истрагата рекол дека било темно и не ги препознал убијците.

На прашање на адвокатите како ги препознал посочените, кога во сведочењата кажал дека месотто било неосветлено а убиството се случило доцна во ноќата, тој само одговори „Ги видов“.

Во судските и обвинителските кулоарите гласно се коментира дека главен мотив на Нинџа за „освежената меморија“ била договор со обвинителството поради притисоци тогаш да бидат осудени Љубе Бошковски како нарачател, а Зоран Трајковски, тогашен обезбедувач на министерот, како организатор на убиството. Што би имало за Нинџа од сето ова? Олеснителни околности во врска со случајот за обид за убиство врз Драганчо Стојменов, кој во истиот момент се водеше против Нинџа. Нешто што, впрочем и се случи.

ДВЕ НЕДЕЛИ ПРЕД ИЗРЕКУВАЊЕ ПРЕСУДИ, НИНЏА ДАВА ЧУДНИ И КЛУЧНИ СВЕДОЧЕЊА „КАКО ПО НАРАЧКА“ НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО

Уште еден куриозитет е индикативен во врска со евидентната поврзаност на Нинџа со структури во обвинителството и шпекулациите на трговијата со нарачани сведочења во замена за олеснителни околности.

Во случајот „Ровер“ Нинџа го дава спорното сведочење една недела пред да се појави во Кривичниот суд за вооружениот напад врз Драганчо Стојменов, додека пак за настаните од 27 април последната трета променета изјава ја дава само две недели пред изрекувањето на пресудата од Кривичниот суд, поточно на 01-ви март 2019-та година. Во првиот случај е познато дека поминува со преквалификација и преблага казна, додека пак во случајот за 27-ми април Нинџа откако со своето „сведочење“ ги пополнува дупките на обвинителството со зборови кои личат како да биле нарачани да ги каже, добива за 2 години казна под минималната.

ЧУДНА СРЕДБА НИНЏА-РУСКОСКА ПРЕД НЕКОЛКУ НЕДЕЛИ, ЗА КОЈА НЕКОЈ ИЗЛАЖА: ОБВИНИТЕЛСТВОТО И НИНЏА ИЛИ ЗАТВОРСКАТА УПРАВА ОД ШТИП?

За да се надополни сликата за се што се случува, мора да се спомене една „чудна средба“ која на 14-ти мај годинава се случила во Скопје помеѓу Вилма Рускоска и Александар Василевски Нинџа.

Според верзијата на Обвинителството, Рускоска го повикала Нинџа на средба поради наводни закани од други затвореници, иако според изјава на затворската управа за ТВ Алфа, ова е неточно бидејќи кон Нинџа немало никакви пријавени закани и дека бил спроведен во Скопје токму на барање на Рускоска.

Средбата меѓу Нинџа и Рускоска се случи среде судењето за т.н. „организирање“ на настаните на 27-ми април, во кое ниту еден од досегашните сведоци на Рускоска не ги потврди нејзините тврдења дека политичка партија го организирала упадот во Собранието. Напротив, сите сведоци за овој дел од обвинението досега сведочеа дека знаеле или не знаеле за јавна поддршка на политичка партија за протестите „За Заедничка Македонија“, но во делот на организирање и координирање со упадот, сите прстите ги вперуваа кон Нинџа и структури на УБК.

Знаејќи ја историјата на Нинџа, како и небулозните тврдења за тероризам на Рускоска (кои во првиот случај завршија со три гласа за промена на името од амнестирани пратеници) се поставува прашањето:

ДАЛИ СЛЕДИ И ЧЕТВРТА ВЕРЗИЈА И НОВО ЛАЖНО СВЕДОЧЕЊЕ ОД НИНЏА ВО ЗАМЕНА ЗА ДОПОЛНИТЕЛНИ ПОВОЛНОСТИ ОД АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЗА 8-ГОДИШНАТА КАЗНА?

Еден од адвокатите на Нинџа во текот на јавните седници пред Апелациониот суд во врска со пресудата за 27-ми април, изјави дека неговиот штитеник во текот на јавната седница на Апелациониот суд барал спогодување со судот, односно да добие статус на сведок-соработник, но обвинителството ова барање формално го одбило и му понудило да биде обвинет со поволности во постапката.

За појаснување, ако било прифатено Нинџа да биде заштитен сведок, немаше да може да биде воопшто обвинет за настаните за 27-ми април – па „обвинет со поволности“ се чини дека е компромисното решение помеѓу Нинџа и Обвинителството. Во прилог на ова оди и фактот што Нинџа, човек со пребогато криминално и затворско досие „доброволно“ се пријави во Обвинителството после 6 месеци бегство, откако МВР не успеа да го пронајде кога ги апсеше „осомничените терористи“ за 27-ми април.

И токму во овој момент, Нинџа е повторно пред суд (Апелациониот) од кого веројатно очекува олеснителни околности, доколку повторно „соработува со верзијата на Вилма Рускоска“ за настаните на 27-ми април поддржана и од судијката Добрила Кацарска која со „две раце“ му веруваше на исказите на Нинџа, а не на сведоци под заклетва кои сведочеа обратно од него.

Односно, не е неочекувано доколку повторно постои некаков таен договор, за каков што се шпекулира во кулоарите, со кој Нинџа повторно ќе сведочи „по нарачка“ на обвинителството кое во него гледа последна шанса за да ги оправда небулозите во обвинителниот акт, а за сметка на тоа „на мистериозен начин“ Нинџа да добие ублажување на казната од страна на Апелација.

Но, овој пат и после сите овие сомнителни перипетии меѓу Нинџа и Обвинителството низ сите овие години, на потег се судиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.