Триесет и три годишен велешанец ја предводел криминалната група која утрово беше упасена за криумчарење мигранти. Во неа биле и две лица кои потекнуваат од земјите од Блискиот Исток. Мигрантите по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток илегално биле префрлани од Грција на територијата на нашата земја преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а оттаму со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано биле носени на претходно утврдени и договорени локации.

Како што соопшти ОЈО, организаторот и членовите на криминалната група го договарале преземање на мигрантите од овие локации и со патнички и товарни возила ги превезувале до локации во Кумановско-липковскиот регион каде мигрантите биле прифаќани и времено сместувани и засолнувани. Понатаму преку територијата на Србија се носеле кон државите на ЕУ. За ова мигрантите плаќале од 500 до 700 евра по лице, преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина.

Апсењата се направени во текот на денешниот ден во координирана полициска операција на националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Одделот за специјални и посебни операции на СВР Скопје и СВР Струмица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.