Судењето за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро денеска беше одложено поради отсуство на судијата Огнен Ставрев, кој е на службено патување. Наредното рочиште за судењето е закажано за 6 мај.

Ова е второ судење кое е одложено поради отсуство на судијата Огнен Ставрев откако вчера беше одложено рочиштето за предметот „Топлик“.

За денешното рочиште беше планирано сослушување на сведоците предложени од обвинетите. До сега на судењето беа изведувани материјални докази.

Адвокатот Насер Рауфи денеска го извести Судечкиот совет дека го враќа полномошното на обвинетиот Агим Исмаиловиќ, со што престанува неговиот ангажман како негов бранител. Обвинетиот Исмаиловиќ се произнесе дека нема пари за нов адвокат, што значи дека на наредното рочиште ќе му биде назначен друг бранител по службена должност.

Обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута со правосилна пресуда на Апелациониот суд Скопје беа осудени на доживотна казна затвор за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското езеро. Единствено oбвинетиот Сејди Рами беше ослободен од обвинение бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

Случајот од страна на Врховниот суд е вратен на повторно судење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.