Одбраната на обвинтиот поранешен шеф на УБК, Сашо Мијалков, бара од Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас за министерот за правда, Бојан Маричиќ, поради мешање во работата на судската власт.

Адвокатскиот тим на Мијалков, на прес-конференција порача дека со објавувањето имиња на судии, министерот за правда директно се вмешал во работата на судската власт чија независност е гарантирана со уставот. Тие се сомневаат дека тој имал директен контакт со некој од судиите кои одлучувале за притворот на Мијалков.

Министерот за правда не е дел од некаква естрада за да може на начин на кој што ги искажува и пласира своите размислувања преку Фејсбук, а кои што повеќе се одраз на некаква емоција на антипатија – „Јас имам такво чувство“, да задира во системот на вредности кои Уставот јасно ги дефинирал. Со своето однесување, тој го повреди уставниот принцип. Нејасно е како министерот можел и од каде ги добил информациите, за тоа кој судија како гласал. На овој начин одбраната доаѓа до заклучок дека министерот имал линк со некој од судиите кои што го информирале, кршејќи ги одредбите од ЗКП – вели адвокатот Љупчо Шврговски кој порано беше шеф на Обвинителството.

Во средата Апелациониот суд ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра на Мијалков со која тврди дека нема да бега и тој требаше да излезе од притвор кој му беше одреден за предметот Трезор.

Сепак, неколку часа подоцна обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побара повторно притвор за Мијалков.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.