Одбраната на Катица Јанева побара јавноста да биде исфрлена од презентирањето на денешните материјални докази, поради заштита на деловни тајни и степенот на доверливост на одредени документи од предмети на СЈО што се во истражна постапка.

Претходно, пак, адвокатите на Јанева презентираа неколку докази кои според нив треба да покажат дека таа не ја зголемила својата имотна состојба. Адвокатите го приложија анкетниот лист доставен до ДКСК од кој наводно може да се види дека нема зголемување на имотот, освен една полиса за животно осигурување и земените кредити.

Беше приложено и решение од Советот за јавни обвинители за разрешување на Јанева како прв човек на СЈО, во кој наведените причини не претставуваат кривично дело.

Исто така, беше приложен и одговор од „Стопанска банка“, добиен по поднесено барање од Лиле Делиџакова, сестра на Јанева, дека одземениот телефон „епл“ бил добиен на наградна игра од банката за самата Делиџакова.

Приложена беше и листа за уплати на сметката на „Систина“ извршени од сестрата на Јанева дека нивниот татко Костадин Делиџаков се лекувал во болницата. Со ова одбраната сака да докаже дека не станува збор за никакво коруптивно однесување туку за плаќање на лекувањето со што треба да се побие сведочењето на Ана Камчева содржани во снимките на „Ла верита“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.