Обвинителството во Софија отвори предистражна постапка за уривањето на авионот „цесна“ кај Солунска глава на 2 април кога загина четиричлено семејство од Бугарија.

Софиското обвинителство соопшти дека ќе бидат сослушани вработени во дирекцијата за конзуларни односи во бугарското МНР кои се запознаени со случајот, како и претставници на надлежните за цивилниот воздушен сообраќај во Северна Македонија, во врска со информациите за силна турбуленција и за изгубена контрола на пилотот врз воздухопловот, пренесува Бгнес.

Обвинителството ќе побара информации за спроведените експертизи во Македонија, а се разгледува и можноста за дополнително утврдување на евентуален дефект на авионот.

Истрага за авионската несреќа почнаа и надлежните во Македонија. Формирана е комисија за истражување на несреќата во која покрај претставници на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ, ќе бидат ангажирани и надворешни експерти од доменот на цивилното воздухопловството. Во координација со властите во Софија, договорено е дел од комисијата да бидат и двајца бугарски истражители.

За потсетување, цело семејство загина при падот на Цесната. Загинаа Георги Ангелов Бошнаков (1970), Гергана Бошнакова Георгиева (2005), Билјана Бошнакова Георгиева (2000) и Калина Корнајева Цонева (1972).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.