Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), со кое раководи Вилма Русковска, денеска до Кривичниот суд во Скопје поднело обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, и против уште шест лица за проблематичните набавки на софтвери, дознава „360 степени“ од судски извори. Засега нема официјална потврда на овие сознанија на „360 степени“.

Ваквиот развој на настаните обвинителката Русковска го најави на 21 септември годинава, кога објави дека се завршени вештачењата и дека истрагата, во која беа споени два предмета, влегува во завршна фаза со испрашување на осомничените. Рашковски го дочекува обвинителниот акт во домашен притвор, иако Обвинителството повеќепати бараше тој да се врати во затворски притвор.

Пред точно седум месеци, на 8 март 2021 година, „360 степени“ ја објави првата од серијата истражувачки стории, во која обелоденивме дека ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, купил софтвер за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци од 81 000 евра. Тој тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.

На 18 март 2021 г. Обвинителството соопшти дека отвора предистрага за случајот.

Во одбрана на Рашковски остана премиерот Зоран Заев, кој неколкупати досега изјавуваше дека лично проверил оти набавката била законито направена, дека чуму Владата би купувала софтвер ако нема потреба за тоа, па и дека не и верува на обвинителката Русковска во овој случај.

Во серијата стории, „360 степени“ обелодени и дека Рашковски вози луксузен џип што не фигурира во неговиот анкетен лист доставен до ДКСК, а истиот ден тој поднесе оставка од функцијата секретар во кабинетот.

Неколку дена по оставката, Рашковски беше приведен откако предметот против него напредуваше во истрага. Освен тој, беа осомничени уште три лица. На 21 април Рашковски и второосомничениот – сопственикот на фирмата „Инвока гроуп“, Даниел Станчев, влегоа во Шутка.

Од притворот во Шутка, Рашковски ја слушна веста дека против него е отворена втора истрага за набавка на софтвер за биометриска идентификација на гласачи и склучување авторски договори (18 мај 2021 г.). По месец и половина затворски притвор и две истраги против него, Апелацискиот суд во Скопје го пушти Рашковски во куќен притвор.

Освен за софтверите за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, Обвинителството за гонење организиран криминал се интересира и за обвинувањата за манипулации со софтверот за полагање државни испити. И тој тендер го склучи Драги Рашковски како генерален секретар и тоа со фирмата која е под истрага за софтверот за сообраќајни прекршоци, „Инвока гроуп“. Со тој систем, своите испити електронски ги спроведуваа 13 институции, меѓу кои и Академијата за судии и јавни обвинители. Предметот е во фаза на предистрага.

Адвокатите на Рашковски досега одбиваа да ги коментираат предметите против нивниот клиент. Своите ставови засега ги преточуваат во жалби пред надлежните институции, како онаа во која понудија половина милион евра имот и пари за Рашковски да излезе од Шутка. Со гаранцијата се согласи и Вишото обвинителство, но Апелацискиот суд, на крај, не ја зеде предвид. Сепак, делумно ја уважи неговата и жалба и наместо на слобода го прати во куќен притвор.

Во средина на септември во јавноста излегоа фотографии од Рашковски како се шета додека е во куќен притвор. Објаснувањето е дека Основниот суд му дозволил во одреден период од денот да користи здравствени услуги.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.