Уште најмалку еден месец ќе се чека судот да одржи седница за оценка на обвинението за организацијата на „27 април“. По низата одлагања поради изземање на судии, Кривичниот суд за денеска закажа нова седница, но и таа се одложи.

Советот за оценка по барање на одбраната, денеска ја одложи закажаната седница и на одбраната и дозволи увид во доказите. Имено, одбраната истакна дека обвинителството во досегашниот тек на постапката не им дозволило увид во сите списи од предметот па со цел заштита на правата на странките, судот во согласност со одбраната на 11 ноември дозволи во текот на целиот ден одбраната да врши увид во списите. Со оглед дека ниту обвинителот ниту одбраната не можат порано да присуствуваат на термини кои им беа понудени од советот, седницата за оценка на обвинителниот акт е закажана за 6 декември – соопштија од Кривичниот суд.

Ова обвинение со месеци не може да се најде на седница за оценка, а беше поднесено кон крајот на мај годинава. Седницата не се одржуваше затоа што одбраната постојано бараше изземање на судиите од одделот за организиран криминал бидејќи биле вклучени во постапките за претходните случаи поврзани со крвавиот четврток.

Така, беа изземени 8 од 9 судии во тој оддел, по што минатата недела судот формираше совет за оценка составен од судии од одделот за кривично полнолетни.

Со обвинението опфатени се поранешените министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, екссобранискиот спикер Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Во овој случај осомничени се и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, но бидејќи тие се во бегство, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.