Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен предлог против битолчанка на возраст од 34 години, која се товари за сторено кривичното дело – уцена.

Како што соопшти Обвинителството, во периодот од 15 јануари до 11 март, обвинетата со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати му се јавувала на оштетениот со кого претходно била во љубовна врска, барајќи парични средства со уцена дека доколку не и ги даде парите ќе испрати компромитирачки фотографии од него на неговото семејство и ќе ги објави на социјалните мрежи со цел да ги наруши неговите чест и углед, како и честа и угледот на неговото семејство.

Продолжувајќи со истите закани и уцени, на 10 март 2020 година, обвинетата го контактирала оштетениот преку апликациите Viber и WhatsApp, при што побарала од него следниот ден, на 11 март во 14:00 часот, да и донесе 1.200 евра во хотел во Скопје, а остатокот од побараните 13.000 евра да и бидат исплатени дополнително, се наведува во соопштението.

По преземање на оперативно технички мерки и претходна крим-техничка обработка на паричните средства, обвинетата е лишена од слобода во моментот кога бараните средства ги земала од оштетениот.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје со обвинението доставил и посебен предлог за продолжување на определената мерка куќен притвор за обвинетата, бидејќи постои опасност да се крие или да се даде во бегство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.