Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за автобуската несреќа што се случи на 13 февруари годинава кај селото Ласкарци, во која загинаа 16 лица, а 37 беа потешко повредени, за што обвинети се шест лица.

На минатото рочиште сведочеше жител на селото Ласкарци кој меѓу првите пристигнал на местото на превртениот автобус. Посочи дека не видел што се случило, туку само чул удари и прашина кога нешто големо паднало во нивата, но не видел дали е автобус или камион.

Претходно, како сведок беше сослушана и Вјолца Ибраими една од повредените патнички во автобусот на „Дурмо турс“.

Пред да се случи несреќата јас разговарав на телефон и не приметив ништо невообичаено. Имав видик кон патот, но не гледав зошто зборував на телефон, рече Ибраими.

Посочи дека до ударот во заштитната оградата, не се сеќава на ништо што и го привлекло вниманието.

Сослушан беше сведок, кој со приватен автомобил возел зад автобусот на „Дурмо турс“. Кажа дека бил сам во возилото и возел во средната лента позади автобусот и не приметил ништо невообичаено кај автобусот, како чад, истекување или друго нешто.

Видов како оди по средната лента и добив впечаток како да претекнува. Кога стигнав на крај од кривината видов како веќе автобусот ги имаше пробиено заштитните огради, изјави сведокот.

Тој потоа застанал на десната помошна лента и истрчал да помогне.

Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во формата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.