Низа нерасветлени убиства, пукотници по улици, масовни тепачки кои станаа секојдневие. Безбедно ли е Скопје за живеење, се прашуваат граѓаните, особено откако синоќа во скопско Влае, без никаква причина, нападнати беа тројца новинари Љупчо Цветановски, Дејан Андоновиќ и Петар Серафимовски.

По нападот, новинарот од „Алфа“ Цветановски вели дека живееме во опасни времиња.

Не би сакал да гледам некакви политички или какви било мотиви, не дај боже да има такви работи. Сепак, факт е дека живееме во чудни времиња, кога се случуваат вакви работи, независно дали ние сме новинари или што и да е. Ние бевме тројца луѓе нападнати на улица сред Влае, во Скопје, без никаква причина, вели Цветановски пред камерата на „Алфа“.

Цветановски не се чувствува безбедно во родниот град.

Не се чувствувам убаво, јас сум семеен човек, сите тројца сме семејни луѓе, сите тројца сме луѓе со над 20 години кариера во новинарството. Работиве не се убави, не се чувствувам убаво, изјави Цветановски.

Токму за овој инцидент, но и за други работи, новинарите сакаа денеска да го запрашаат вториот човек на полицијата, Агин Нухиу, но тој молчеливо ги одмина камерите.

Од опозицијата обвинуваат за политичка заднина на овој напад.

Нападот бил со јасна порака, изведен кукавички, без никаков повод или претходен контакт со напаѓачите, планиран со бројна надмоќност и со закани по живот од напаѓачите. Пред неколку денови, физички е нападнат уште еден новинар, аналитичар, познавач на судските нереформи и критичар на спрегата меѓу кланот, судиите и обвинителите. МВР молчи за овој напад!, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Владата го осуди нападот врз тројцата новинари, оценувајќи ги овие инциденти како неприфатливи и недозволени. Од таму апелираат надлежните институции, како и граѓанскиот сектор да алармираат и постапуваат, за секој напад или закана против медиумските работници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.