Четири лица се повредени во сообраќајната несреќа која се случи денеска во 14 часот на патниот правец Струмица-Ново Село, во близина на крстосницата кон село Сачево кај Струмица. Двајца од нив со потешки повреди се пренесени на лекување во Клиничкиот центар во Скопје, а останатите двајца од кои еден е со потешки, а другиот со телесни повреди се на лекување во струмичката болница.

Ова го соопшти портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска, која информираше дека во сообраќајката учествувале автомобили марка „опел астра“, управувано од К.М (73) од Струмица и „пежо“, во кое се превезувало три члена на семејство од селото Сушица. Патниците од „пежото“ се потешко повредени и двајца од нив се пренесени на лекување во Скопје, додека возачот на „опел астра“ е повреден и е задржан на лекување во струмичката болница.

Во извлекувањето на повредените од автомобилите учествуваа и шест пожарникари на ТППЕ Струмица.

На местото на несреќата увид извршија полицијата и обвинител од Јавното обвинителство во Струмица.

Заради сообраќајката патот неколку часови беше затворен за сообраќај, а полицијата го насочуваше преку заобиколни патишта. По извршениот увид сообраќајот на патниот правец Струмица-Ново Село е нормализиран.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.