По вчерашното одбивање на Апелацискиот суд на жалбата на одбраната на бизнисменот Јордан Камчев за укинување на куќниот притвор, денеска е донесено решение за продолжување на мерката притвор од 30 дена во врска со случајот „Империја” на Специјалното јавно обвинителство.

Притворот е продолжен и за неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Зорица Арсовска, директорот на „Пелагонија“ Цветан Панделески, како и директорот на фирмата „Ексико“ Тодор Мирчевски. Предогот за продолжување на притворот на Камчев, Јосифовиќ и Панделевски е дојден од СЈО.

Притворот за Сашо Мијалков истекува кон крајот на месецов, па за него дополнително ќе се одлучува.

Во случајот „Империја“ кривично се гонат вкупно 13 лица, меѓу кои се и Сашо Мијалков, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Сите се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.