Претседателот на Основниот кривичен суд во Скопје Иван Џолев најавува дека ќе собере информации за случајот со условната казна за сообраќајката со смртни последици во 2018 кај Млечниот ресторан во Скопје, па ќе излезе со коментар.

Во моментов немам повеќе информации за пресудата. Таа беше донесена вчера (петок), јас за неа дознав на крајот од работното време. Ќе се интересирам за случајот, од понеделник ќе добијам повеќе информации од судот, по што ќе можам да дадам коментар и став – изјави Џолев за „360 степени“.

Во сообраќајката за која вчера беше изречена пресудата, животот го загуби едно лице, а неговата бремена сопруга и сопатничката се здоби со тешки телесни повреди и го загуби плодот. Жртвите беа патници на мотор чиј пат го пресекол возач на џип кој недозволено преминал преку двојна полна лента на булеварот Теодосиј Гологанов. Со џипот управувал Васил Ч., кој тогаш имал 62 години.

Тој признал вина, а судијката Елена Јосифовиќ му досуди само условна казна. Станува збор за судијка, која според податоците на официјалната веб-страница на судот, е избрана во декември 2011 година, а областа на која работи е „кривична материја“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.