Не се ни гледа крајот на судскиот процес за утврдување на одговорност за автобуската трагедија кај Лаксарци, во која загинаа 16 патници, а 37 беа повредени од кои дел останаа доживотни инвалиди. Четири месеци откако судијата во предметот нареди супервештачење, тоа не е завршено, а не може ни да се претпостави колку ќе трае. „Алсат“ разговараше со носителот на супервештачењето, кој рече дека на предметот работат седум вештаци од сообраќајна и машинска област.

Со оглед на обемот на списите од судскиот предмет К.бр.1407/19, во моментот вештите лица работат на анализа на доставените материјали од Судот. По завршувањето со анализата на доставените материјали од Судот, вештите лица ќе донесат одлука за понатамошниот тек на постапката за вештачење, со цел обезбедување на сите потребни докази за изготвување на бараните супервештачења. Во оваа фаза од постапката за вештачење, не може да се предвиди со сигурност рокот за конечно изготвување на бараните супервештачења, вели Дамјан Мирчевски, носител на супер – вештачењето.

Во меѓувреме во Кривичниот суд за утре е закажно ново рочиште за случајот „Ласкарци“. Но, и тоа ќе се одложи, како сите преходни оваа година зашто се чека супер вештачењето побарано од Бирото за судски вештачење.

Штом ќе биде доставено, ќе биде изведено пред странките во постапката на главна расправа, а со тоа ќе заврши доказната постапка за случајот и ќе бидат закажани завршните зборови, наведуваат од Основниот кривичен суд.

Кога во судот ќе пристигне супервештачењето, случајот „Ласкарци“ ќе мора да се врати на самиот почеток, поради истек на 90 дена од последното рочиште. Од обвинетите и обвинителот зависи дали во Суд ќе се изведуваат повторно сите докази со нивно читање или судењето ќе продолжи онаму каде што застана – изведување на супервештачењето.

Автобусот на „Дурмо Турс“ се преврте на 13 февруари 2019 година. Обвинети се шест лица, меѓу кои газдата на фирмата и возачот на автобусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.