Денешното рочиште за „Рекет“ не почна навреме поради задоцнетото спроведување во судот на Катица Јанева од домашен притвор.

Во судот денеска се пуштаат снимки што како докази ги доставил сведокот Јордан Камчев.

Сакам да ми кажеш што добивам, како добивам и кога добивам. Сакам сите да бидат задоволни. Јас сум директен човек. Кажи оваа ќе биде во февруари, оваа во март и да го исполнам својот дел, се вели во дел од презентираните разговори кои наводно се меѓу Камчев и Боки 13.

Адвокатите на одбраната имаат забелешки на снимките кои се презентираат во судот. Според нив постои голем сомнеж како се направени и кој навистина говори на нив.

Автентичноста на снимките е под знак прашалник и не може да биде потврда. На снимките се слушаат повеќе гласови, вели адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев.

Сашко Дукоски, пак, објаснува дека од повеќе различни снимки е направена компилација и се работи за самостојна интерпетрација од страна на Обвинителството.

И самиот Бојан Јовановски ги оспоруваа овие снимки со образложение дека тие се приватни разговори, незаконски снимени. Обвинителката Вилма Рускоска кажа дека овие разговори не се обезбедени со посебни истражни мерки.

Случајот „Рекет”, во води Кривични совет предводен од судијката Васка Николовска-Масевска, а обвинението го застапува шефицата на Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, Вилма Рускоска.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.