Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 49-годишно лице кое се товари дека сторил продолжено кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во семејниот дом на улица „Њуделхиска“, на 18 март, обвинетиот со умисла извршил две временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно сторување на истото кривично дело. При вршење семејно насилство тој телесно ги повредил неговите родители.

 

Манифестирајќи агресивно однесување затоа што не добил парични средства за роденден, обвинетиот започнал со клоци да удира на вратата од собата на неговите родители и насилно влегол внатре. Најпрвин го нападнал неговиот татко, удирајќи го со тупаници по главата и кубејќи му еден прамен од косата.

 

Потоа со употреба на физичка сила ја нападнал и сопствената мајка, која пристапила во одбрана на сопругот, удирајќи ја со клоци во главата и во левиот колк. Од ударите двајцата родители се здобиле со телесни повреди – соопштија од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да го повтори делото.​

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.