Разговорите кои се случиле во октомври и јуни, се снимени во ноември и август. Реалното време на муабетите во бомбите не се поклопува со времето на снимките што ги има СЈО за случајот насилства во Центар. Ова денеска на судското рочиште го кажаа адвокатите на екс министерот Миле Јанакиески, повикувајќи се на извештајот од вештакот кој го ангажирале.

СЈО против Јанакиески како доказ има два телефонски разговори, според вештакот снимките не се оригинали.

Првиот телефонски разговор се случил на 13 октомври 2013 та, во 22 часот 2 минути и 49 секунди, а при вештачењето на ЦД-то е утврдено дека разговор е снимен на 12 ноември 2013 година во 13 часот 41 минута и 52 секунди.

Вториот телефонски разговор се случил на 1 јуни во 22 часот 57 минути и 33 секунди, а според вештакот разговорот е снимен на 14 август 2013 година во 12 часот 17 минути и 06 секунди.

Тоа што часот кога се случиле разговорите и времето кога се снимени, не се совпаѓаат остава простор дека тонските снимки не се оригинални и дека истите се преснимувани од друг електронски медиум што дава можност за негова измена, дополнување или скратување, заклучува вештото лице.

Обвинителот Гаврил Бубевски се противеше на одбраната која побара вештачење на оригиналните снимки, а не на цедињата што ги имал судот. Бубевски рече дека оригинали немало, имало само копии, но дејствата што се случиле одговарале со тие напишани во обвинението.

Законот за кривична постапка не дозволува копија да биде доказ, вели одбраната, во Судот се повикаа и на последниот извештај на ОБСЕ каде се наведува дека СЈО на обвинетите не им дозволувало увид во доказите. Судењето за протестите во општина Центар продолжува со сослушување на сведоци на одбраната кои пред судот тврдат дека никој не ги организирал за да ги нападнат советниците, туку сами излегле на протест поради запирањето на изградбата на црквата Свети Константин и Елена на плоштад Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.