Веројатно хаосот поврзан со процесот за управување со човечки ресурси ги вознемири тие кои што овој хаос го создале и уште полошо истиот не го спречиле. И додека не можат да најдат ниту еден аргумент во насока на демантирање на фактите кои ги презентирав на вчерашната прес конференција, обвинуваат за работи кои ниту се точни, а ниту имаат некаква поврзаност со илјадниците решенија кои Оливер Спасовски ги делеше и во ноќните часови, пред неговото заминување, објави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој на вчерашниот прес сакаше на јавноста да и даде појасна слика за недомаќинското и неодговорното работење во Министерството за внатрешни работи во изминатите години.

Само ќе споменам дека бројот на судски постапки против Министерството за внатрешни работи од година на година постојано се зголемува по доаѓањето на Оливер Спасовски за министер во Министерството за внатрешни работи.

Така во 2017 година се евидентирани вкупно 2226 тужби, 2018 се евидентирани 2362 тужби и во 2019 година се евидентирани 3574 тужби за спорови за права од работен однос на вработените во МВР што е зголемување за 62% во однос на 2017 година. Најголемиот дел од оваа бројка се однесува на надоместоци од работен однос каде во 2019 година има за околу 50% зголемување во однос на 2017 година.

Како поткрепа на фактот кој вчера го споменав дека бројот на незадоволни работници од решенија за распоредување постојано е во пораст говорат и бројот на тужби и исплатени оштети по овој основ. Така за 2 години од буџетот од Министерството за внатрешни работи потрошени се цели 8 милиони евра, односно 246.031.059 денари во 2018 и 239.158.514 денари во 2019 година, вели Чулев.

Тој го потсети неговиот претходник и колешката Славјанка Петровска дека ова не се партиски бројки туку се факти кои говорат за неодговорно и недомаќинско работење во министерството, а кои сериозно му нанеле штета на буџетот на Министерството за внатрешни работи и факти кои ниту една предизборна, политичка и популистичка мерка нема да може да го оправда и покрие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.