Во пожарот што ги зафати падините на Осоговските Планини кај кочанското село Цера досега изгореа над 50 хектари со букова и борова шума. Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани трет ден се на терен, но немоќни се во локализирањето на пожарот поради непристапноста на теренот, а силниот ветер и сувата вегетација дополнително помагаат огнот брзо да се шири.

Повеќе од 48 часа сме на терен и ги ангажиравме сите пожарникари и опремата со која располагаме, во моментот сè уште активно е уште едно жариште, но се надеваме дека до попладнево и тоа ќе биде изгаснато. Во саботата се појави мал пожар што со брза интервенција го запревме, но следното утро се појавил нов, на локација недостапна за противпожарните возила. Според првичните индиции што ги согледавме причина за пожарот е човечкиот фактор, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната протвпожарна единица.

Доцна синоќа заседаваше општинскиот Кризен штаб со претставници на Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица – Кочани, Полициската станица, КЈП „Водовод“, Шумското стопанство „Осогово“ и од Локалната самоуправа при што е изготвен план за дејствување во текот на денешниот ден. Целта е со добра координација и комуникација брзо да се реагира и да се превенира натамошното ширење на пожарите.

Во моментот на терен дежурни се екипи составени од пожарникари, инспектори, полицајци и претставници на „Шумското стопанство“ и на Општина Кочани

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.