Во полициска акција во Штип вчера е пресечен меѓународен транспорт на марихуана, вредна 500 илјади евра, при што се приведени три лица.

Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, по претходна меѓународна меѓуинституционална размена на информации, а во соработка со Одделот за специјални полициски операции – Специјална антитерористичка единица „Тигар“, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Штип и во координација со Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, (ОЈО – ГОКК) вчера пресекоа меѓународен транспорт на марихуана во количина од околу 150 килограми, од Косово преку територијата на Македонија, со крајна дестинација – Турција, информираат од МВР.

Во попладневните часови на 30.03.2022 на паркинг пред угостителски објект во Штип е забележано паркирано патничко возило „ауди А6“, со кумановски регистарски ознаки, а до возилото биле пријавените И.Д.(50), К.К.(39), двајцата од Подујево, Р.Косово и Б.Р.(34) од Куманово. И.Д. и К.К. се обиделе да избегаат, но биле фатени и сите тројца се лишени од слобода, соопшти портпаролот на МВР Сузана Прањиќ Талевска.

При извршен преглед на патничкото возило, биле пронајдени вкупно 92 полиетиленски пакувања со марихуана, спакувани дел во патни торби, дел во багажниот простор од возилото во делот за резервната гума и на задните седишта од возилото, а кај приведените лица се пронајдени и повеќе мобилни телефони, СИМ картички од мобилни оператори од Косово и Македонија и пари, кои се предадени на вештачење.

СВР Штип денеска до ОЈО – ГОКК ќе поднесе кривична пријава против 4 лица (3 косовски и 1 македонски државјанин), од кои тројцата се веќе приведени, а за едно лице, кое со товарно возило требало да ја преземе дрогата од Штип и да ја пренесе до Република Турција се преземаат мерки за негово пронаоѓање.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.