Петмина Македонци и еден Бугарин се уапсени во Северна Италија поради фалсификување на документи и потикнување нелегална миграција, во акцијата „Сонце“, информираат италијанските медиуми. Станува збор за семејство од градот Алба, кое ангажирало сезонски работници од Македонија за работа на лозови насади, на кои им фалсификувале бугaрски лични карти, но им ги задржувале нивните пасоши и им исплаќале помалку од половина од дневниците кои реално требало да ги земат.

Приведени се Б.Ѓ. (43), сопственик на фирмата „Бобимак“, како и неговата мајка М.Ѓ. (61) и сопругата С.Н. (43), како и Д.Р.  (25), С.П. (43) и Г.Г. (39), професионален возач од Бугарија. На сите шестмина им е одреден притвор. За криминалот се осомничени уште тројца Италијанци и еден Македонец, но тие се товарат за помагање и не се притворени.

Како што соопштиле од италијанската полиција, операцијата „Сонце“ почнала во јуни лани и завршила во саботата, а во неа учествувале педесетина карабиниери.

„Бобимак“, всушност, бил активен со години и познат кај винарите во покраината Асти како посредник за сезонски работници, а ги регрутирал во Македонија преку објави на интернет и на радио. На интернет можат да се најдат огласи кои датираат од лани, а се рекламирал и на Радио Кочани. Сепак, според полицијата, македонските граѓани, бидејќи не се дел од ЕУ мораат да следат долги и сложени процедури за влез во Италија.

Б.Ѓ. нашол многу едноставен трик: откако ги регрутирал, ги испраќал кај својот доверлив возач, кој нелегално ги внесувал во Италија со автобуси кои пристигале во Алба. Таму ги прифаќал Б.Ѓ., кој ги носел во својот дом, ѝ им ги земал личните документи по што ги спречувал да ја напуштат куќата.

Потоа ги фотографирал илегалците, а истиот возач ги носел фотографиите во Бугарија, каде за два дена ги изработувале лажните лични карти. На тој начин, во само неколку потега Македонците се претворале во Бугари, а потоа и во граѓани на ЕУ со голема слобода на движење во Европа. Откако добиле лажни документи, „Бобимак“ регуларно ги ангажирал и рутински ги упатувал до одгледувачите кои ги побаруваа неговите услуги, велат од полицијата.

(Извор – Либертас.мк)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.