Првото рочиште од судскиот процес за убиството на Пинеда Секондо – Пино се одложи по барање на адвокатите од одбраната. Адвокатот на обвинетата Ангела Ѓоргиевска, Еленко Миланов, рече дека поканата за рочиште ја примил пред четири дена, а според Законот за кривична постапка, треба да има најмалку осум дена за подготовка на одбраната.

Обвинителката Лидија Раичевиќ побара во случајот да се запази и процесниот морал и да се види кога е ангажиран адвокатот, кога добил известување дека истрагата е завршена итн. Денеска, рече обвинителката, требаше да дадеме само воведни зборови и да најавиме како ќе настапуваме во судскиот процес и затоа рочиштето не требаше да се одложи.

На рочиштето присуствуваше Маја Трпковска, мајката на загинатиот Пино, која дојде во присуство на свештено лице. На предлогот за одложување реагираше бурно и му даде краток ироничен аплауз на адвокатот, за што беше опомената од судот. Потоа демонстративно ја напушти судницата.

Во изјава за медиумите по рочиштето, Трпковска изјави дека повеќе нема верба во судската правда за нејзниот син.

Повеќе права има обвинетата во суд, отколку јас која најдов четири коски од моето дете. Додека јас плачев по улици таа си јадеше лепче. Таа треба на плоштад да се суди. Јас дојдов со голема верба тука, но сега веќе кревам раце. Таа веќе призна. Моето дете е убиено, јас ги собирам куферите и си одам, рече Трпковска по рочиштето.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.