Точно 77 дена го нема мојот син, револтирано зборуваше пред Собранието Маја Трпковска, мајка на 26-годишниот Пино Секондо, кој исчезна на 10 декември минатата година и оттогаш му се губи трагата.

Таа денеска протестира пред Собранието, барајќи од надлежните органи поангажирано да се зафатат со потрагата по нејзиното дете. Пред Собранието дојдоа десетици другари на Пино, кои држеа транспаренти на кои пишува „сектор за исчезнати, и вие ли исчезнавте“, „кога МВР не знае да даде одговор, се крие“…

Кон протестот се приклучи и Бекир Аслан, татко на Арбен Аслан, кој исчезнал на 23 јануари годинава, а последен пат бил виден како влегува во нечие возило, кое сè уште не е пронајдено. Двајцата родители, иако не се познаваа претходно, се гушнаа кога се видоа бидејќи ја делат истата судбина.

Аслан вели дека добро соработува со МВР за пронаоѓање на неговиот син, додека Трпковска се жали дека полицијата долго време ја игнорира и дека три недели нема никаков одговор од нив за тоа што е сработено и до каде е потрагата.

Јас сакам да добијам извештај за сите овие 77 дена, што имаат направено од Секторот за исчезнати лица, зошто не сакаат да соработуваат со мене? Се кријат. Додека не го најдеме Пино, јас секој трет ден ќе протестирам. Ако треба со синџир ќе се врзам пред врата, зашто ова не е Влада, тие си гледаат само за нив, зашто да беше нивно дете јас сум сигурна дека цела држава ќе ја превртеа, нема куќа во која немаше да влезат, нема гаража во која немаше да влезат, вели Трпковска.

Пино на 10 декември бил излезен вечерта и последен пат е виден во скопската населба Ѓорче Петров околу 22 часот. Излезен бил со бел автомобил марка „шкода“ со регистерски таблички SK1566AP.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.