Полициски службеници од СВР Куманово – Отсек за економски криминал извршија претрес во работните простории на Очно одделение при ЈЗУ Општа болница -Куманово и патничко моторно возило „опел астра“, паркирано во кругот на болницата. Претресот е извршен по претходно добиени оперативни сознанија, односно основано сомнение за примање поткуп и злоупотреба на службената положба од страна на лекарката Е.С.

-При претресот во Очното одделение при ЈЗУ Општа болница – Куманово од медицинската сестра одземени се 18.000 денари, а при претрес во возилото, сопственост на лекарката Е.С. одземени се околу 98.000 денари. Е.С. е приведена и против неа ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО Куманово, информира Министерството за внатрешни работи.

Е.С. ја злоупотребила службената положба и овластување казниво по член 353 и примала поткуп од пациенти, казниво по член 357 од Кривичниот Законик на Република Македонија, така што правела хируршки интервенции во службени простории на ЈЗУ Општа болница – Куманово.
За интервенциите противправно земала по 12.000 денари, иако пациентите се здравствено осигурени преку ФЗО и за истата интервенција би требало да платат само партиципација, но партиципација не им била наплатена. Пациентите ги давале парите лично на пријавената, пред да се изврши хируршката интервенција, а за што пациентите не добивале документ за платената услуга.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.