Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка за едно лице, 24-годишен кумановец, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот Законик.

Осомничениот во текот на јануари, неовластено заради продажба држел наркотична дрога и психотропни супстанции. При извршен претрес на дом и други простории од страна на полициски службеници при СВР Куманово, биле пронајдени и со потврда одземени вкупно 2638,13 грама марихуана, 0,14 грама хашиш , 1,40 грама амфетамин и една дигитална вага. Осомничениот дрогата ја сокрил во повеќе паковки во куќа во која престојувал и во куќа сопственост на неговиот дедо.

Заедно со донесената Наредба за спроведување истражна постапка, јавниот обвинител достави предлог до судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово за определување на мерка притвор на осомничениот, бидејќи постојат основи дека осомничениот ќе се даде во бегство и дека ќе го повтори кривичното дело. Судот донесе решение со кое ја определи предложената мерка, во траење од 30 дена .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.