Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера во 15:00 часот до Основниот кривичен суд Скопје, достави предлог за определување мерка притвор против С.М. обвинет во предметот со КОК бр. 47/17 од обвинителството означен како Таргет-тврдина, заради постоење на сомнение за евентуално бегство, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Како што е наведено во соопштението, откако е утврдено дека надлежен за постапување по предлогот е Кривичниот совет при Oдделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот Законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, советот во корелација со документацијата за сомнeвањето за бегство приложена од обвинителството со прилог известување доставени од Бирото за јавна безбедност при МВР, веднаш започна со постапување и донесе решени со кое на обвинетиот му определи мерка куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор, а во 18:30 часот решението веќе беше експедирано до МВР како надлежни за понатамошно постапување.

Против ова решение, како што велат од Судот, странките имаат право на жалба преку овој суд до Апелациониот суд Скопје во рок од 24 часа.

Во однос на сите медиумски прашања, судот во текот на вчерашниот ден, имајќи ја предвид итноста на постапувањето и почитувајќи ги надлежностите на Јавниот обвинител и МВР, не ги коментираше шпекулациите и непотврдените информации во однос на постапката се со цел на наштети на истата, за што бараме разбирање од новинарите, се наведува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.