Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Државната изборна комисија Оливер Дерковски, претседателот на комисијата за јавни набавки и двајца членови на комисијата за јавни набавки, за период од 2019 година, за злоупотреба на службената положба и воластувања.

Според информациите, Дерковски во текот на 2019 година, во својство на претседател на Државната изборна комисија (во понатамошниот текст ДИК), искористувајќи ист траен однос и прилики, ја искористил службената положба и овластување при вршење на јавни набавки на начин што, спротивно на Начелото за конкуренција меѓу економските оператори, еднаков третман и недискриминација на економските оператори и транспарентност во процесот на доделување на договори за јавни набавки и спротивно на Законот за енергетика, без да објави јавен оглас и без да спроведе постапка за јавна набавка, извршил набавка за снабдување со електрична енергија, услуги за одржување на хигиена и писмоносни услуги во внатрешен сообраќај и склучил договори со три економски оператори, на кој начин им овозможил вкупна корист од 2.840.270,00 денари со ДДВ.

Првопријавениот, спротивно на член 99 точка 4 и став 4 од истиот член, во текот на месец Мај 2019 година склучил Анекс број 1 кон договорот број 05-886/10 од 08.04.2019 година, врз основа на кој набавил дополнителни количини на паравани за гласање, наменети за спроведување на вториот круг на гласањето за претседателски избори 2019 и предвремените избори за градоначалници на општина Охрид, Ново Село и Дебар, со вкупна вредност од 771.600,00 денари без ДДВ, без да спроведе постапка за јавна набавка и без предходно да утврди дали има реална потреба и пишано барање од страна на Општинските изборни комисии за набавка на нови паравани за гласање и на тој начин му овозможил на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вкупен износ од 771.600,00 денари.

Првопријавениот во својство на претседател на Државната изборна комисија, заедно со второпријавениот, во својство на претседател на комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и лице или организациски облик за јавни набавки согласно член 80 од ЗЈН, третопријавениот, во својство на член на комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК и четвртопријавениот, во својство на член на комисијата за јавна набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК во текот на 2019 година, спротивно на член 99 став 5 и член 141 став 6 од Законот за јавни набавки(Службен весник на РСМ бр.24/19) свесно ги повредиле прописите за јавна набавка со причинување на битна повреда на Законот за јавни набавки, на начин што, првопријавениот донел и потпишал Одлука за јавна набавка и ја одобрил тендерската документација за набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во Државната изборна комисија (ДИК) изготвена од страна на второпријавениот, третопријавениот и четвртапријавениот, во која одлука и тендерска документација бил предвиден критериум најниска цена, што довело до дискриминација на економските оператори, ограничување на пазарната конкуренција и на тој начин пријавените овозможиле во постпката за јавна набавка да се јави само еден економски оператор со кој е склучен и договор при тоа овозможувајќи му на економскиот оператор да се стекне со имотна корист во вредност од 5.007.920,00 денари со ДДВ.

Со ваквите првеземени дејствија пријавените, им овозможиле на економските оператори да се стекнат со имотна корист во вкупна вредност 8.619.790,00 денари

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.