Дали ќе биде прифатен обвинителниот акт за случајот „Рекет“, кривичниот суд Скопје 1 се уште нема донесено одлука. Овој акт  шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска го испрати до нив на 10 октомври.

Од Кривичен велат дека кога тоа ќе биде сторено, како и за сите предмети за кои досега имало јавен интерес, ќе испратат соопштение преку официјалната веб страна на судот.

Во меѓувреме, тече истрагата и за случајот за невладината организација на првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, „Меѓународен сојуз“. Во неа осомничени освен Јовановски се потпретседателката на невладината Јасна Мандиќ, неговата лична асистентка Христина Блажевска, таткото на Јовановски Миле Јовановски и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски.

Предметот е во истражна постапка и по него надлежниот обвинител презема активности во насока на прибирање на материјални и вербални докази. Надлежниот обвинител во текот на постапката има право врз основа на обезбедените докази да ја прошири или да ја запре истрагата против одредени лица“, велат за Локално од обвинителството.

Обвинението за „Рекет“, освен првоосомничениот Јовановски, ги опфаќа и екс Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, како и Зоран Милевски-Кичеец.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.