Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинителен акт против едно лице за кривични дела „разбојништво“ од член 237 став 1 и „разбојничка кражба“ од член 238 став 1 од Кривичниот законик. Против лицето и негова соизвршителка е поднесен и обвинителен предлог за кривично дело „кражба“ од член 235 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, обвинетиот на 11 мај, во влезот на станбена зграда на улицата „Радика“, со употреба на закана дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на една оштетена и одзел ранец во кој имало пари и други предмети во вкупна вредност од 26 илјади денари. Тој влегол во влезот на зградата по оштетената и и се заканил со пиштол наменет за исфрлање синтетички топчиња со пречник од 6мм под дејство на компромитиран воздух. Побарал оштетената да му ги даде сите предмети кои ги имала кај себе, а потоа и го побарал и клучевите од станот и од возилото. Кога таа се спротивставила, тој на сила и ги одзел клучевите и го напуштил местото.

На 15 мај, пред влезот на станбена зграда на улицата „Варшавска“, обвинетиот заедно со обвинетата забележале една оштетена како стои со количка за бебе и дека лифтот во зградата се сервисира. Обвинетата и понудила на оштетената обвинетиот да и помогне и да и ја качи количката до катот каде што живее. Оштетената ја прифатила понудата и се качиле на третиот кат. Кога оштетената започнала да ја отклучува вратата од станот забележала дека и го нема мобилниот телефон кој се наоѓал во количката и веднаш се упатила кон обвинетиот кој тргнал да си оди, барајќи да и го врати телефонот. Затечен во кражба, тој започнал да ја турка и да ја удира во ѕидовите од влезот, а во еден момент го извадил и пиштолот за исфрлање синтетички топчиња. Притоа се заканил дека ќе ги убие и оштетената и нејзината малолетна ќерка која оштетената за цело време ја држела во рацете. По ова тој побарал да ја отвори влезната врата од станот и да му ги даде сите предмети кои што се вредни, но оштетената се спротивставила и започнала да вика. Тогаш излегле соседите од нејзиниот кат, по што обвинетиот избегал од местото, се вели во соопштението.

На 25 мај, пак, од стан на улицата „Драгиша Мишовиќ“, двајцата обвинети одзеле патики и чизми во вкупна вредност од 32.600 денари. Со оштетениот се познавале од претходно, па додека првообвинетиот разговарал со него за да му го одвлече вниманието, второобвинетата останала во ходникот и ги одзела предметите со намера противправно да ги присвои.

Надлежниот јавен обвинител со Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ги повтори делата што му се ставаат на товар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.