Економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, кадар на владејачката ДУИ, синоќа беше застрелан во скопски Чаир. Од Министерството за внатрешни работи се уште нема никакви информации, а според неофцијалните кои ги објавија медиумите, Беља бил погоден во пределот на десната потколеница, а кон него биле испукани два куршуми.

Во него пукало лице придружувано од уште четири мажи, по што тој бил пренесен во ГОБ Св.Наум Охридски, јавува Емагазин.мк.

ТВ21 објави дека според неофицијалните информации, Беља му се јавил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу со кого побарал да оствари средба во Топанско поле, кај маркетот „Принц“.

Беља наводно му замерил на градоначалникот за тоа што му била стопирана платата која што ја примал од општината. По ова, неофицијално, градоначалникот повикал други луѓе, по што настанала тепачка која завршила со пукање.

Кој е Беља?

Беља стана економски директор на Клиниката за гинекологија пред неколку месеци. Сега е во ДУИ, а во политика влезе преку невладината организација Реалитети. Во 2010 година стана лидер на партијата Албански сојуз, која подоцна се спои со ДПА.

Во 2016 година тој како вработен во општината Чаир беше приведен од полицијата, бидејќи заедно со уште неколку лица дошол во општината и го барал градоначалникот за да расчитат некаков проблем.

Тогашниот градоначалник Изет Меџити не бил во канцеларијата, а Беља оставил куршум во салфетка. Како што пишуваа тогаш медиумите, заканата до Меџети била поради тоа што Беља наводно барал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.