Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице на 60-годишна возраст од Богданци поради постоење на основано сомневање дека сторилo кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Обвинителството.

Се работи за инцидент кој се случил во петокот, на 11 октомври околу 20.30 часот, кога осомничениот бил под дејство на алкохол со 2,97 промили во крвта. Според обвинението, тој со умисла се обидел да лиши од живот на свиреп начин едно лице.

Жртвата дошла во куќата на осомничениот околу 16.00 часот и двајцата заедно консумирале алкохол. Околу 20.30 часот осомничениот го нападнал оштетениот со тупаница, удирајќи го во пределот на главата. Откако оштетениот паднал на земја, осомничениот зел дрвен стол и со истиот неколкупати го удрил оштетениот во пределот на главата, причинувајќи му интензивни болки и страдања, со што му нанесол тешки телесни повреди и го довел во животно загрозувачка состојба, се вели во соопштението.

Ценејќи дека се исполнети законските претпоставки, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес поднесе Предлог за определување мерка притвор против осомничениот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.