Зоран Милески Кичеец е осуден на 3 години затвор за случајот „Рекет“. Неговите адвокати побараа укинување на мерката куќен притвор, а обвинителката Вилма Рускоска побара домашниот притвор да биде продолжен до извршувањето на тригодишната казна затвор. Судијката Васка Николовска – Масевска рече дека при донесувањето на одлуката за три години затвор ги зела предвид и олеснителните и отежнителните околности.

Тоа што е татко на пет деца и е син единец со болен татко се дел од олеснителните околности кои судот ги земал во предвид при изрекување на пресудата против Зоран Милески Кичеец.

Кичеец вчера на почетокот на судењето за Рекет призна дека е виновен за делото за кое беше обвинет- Примање награда за противзаконито влијание“ според член 359 став 7, за што му се закануваше затворска казна од 1 до 10 години.

Според одлуката на судот, во пресудата се пресметува и времето поминато во притвор од 15 јули.

Судот како отежителни околности ги ценеше тежината на кривичното дело, умислата, но ги ценеше и олеснителните околности, дека е татко на пет деца, дека се грижи за своите родители, бидејќи неговиот татко е тешко болен, претходно неосудуван, а го ценеше и неговото признание на вина – рече судијката Васка Николовска Масевска.

Тој има право, откако призна вина, да поднесе жалба до второстепениот суд само во делот што се однесува на висината на казната. Неговите адвокати Александар Новаковски и Сања Алексиќ побараа условна казна, како и тој да биде ослободен од домашен притвор до правосилност на пресудата затоа што треба да се грижи за неговиот болен татко, и дека не планира да бега.Тие најавија дека ќе се жалат на пресудата бидејќи според нив таа е превисока.

На тоа се спротистави обвинителката Вилма Рускоска, која предложи продолжување на куќниот притвор до издржување на казната, што беше прифатено од Судот.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.