Зоран Милески Кичеец го добил упатниот акт од судија за извршување санкции од Основниот суд Охрид, и според него, тој на 26 октомври треба да се јави на издржување на тригодишната затворска казна добиена во предметот „Рекет“.

Меѓутоа, наместо во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, новиот упатен акт е за затворот во Струга кој е од полуотворен тип.

Кичеец е осуден за делото примање награда за противзаконито влијание за кое уште на првото судско рочиште за „Рекет“ на 3 декември лани призна вина.

Тој поднесе жалба, но Апелацискиот суд во Скопје на 4 септември годинава ја потврди пресудата во делот на висината на казната, а потоа Основниот кривичен суд пред дваесетина дена му испрати упатен акт со кој тој требаше да се јави во затворот во Шутка на 12 октомври.

Но, во меѓувреме, Кичеец ја променил адресата на живеење од Скопје во Охрид и од тие причини побара одложување на казната.

Предметот во охридскиот суд стигнал вчера, а денеска бил издаден упатниот акт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.