Со сведочење на две медицински сестри, родителите на починато лице кое било хоспитализирано, двајца роднини на луѓе кои биле на болничко лекување, како и тројца вештаци денеска во Основниот суд во Тетово продолжи судењето за пожарот во тетовската модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога 14 луѓе ги изгубија животите.

Со оваа денешна расправа завршија сведочењата предложени од Обвинителството со исклучок на едно вешто лице, кое треба да биде покането за наредното рочиште.

Пред судот се обрати електроинженер вработен во Одделот за криминалистичко-технички испитување и вештачење при Министерството за вантрешни работи, кој како главен инспектор во отсекот за пожари, експлозии и експлозивни направи учествувал во увидот заедно со претставници на СВР Тетово и Обвинителството на 9 септември 2021 година.

Тој објасни како настанал пожарот за што било направено и лабораториско испитување. Утврдено било дека продолжениот кабел што се запалил претходно имал механичко оштетување.

-Констатираните траги на приклучниот кабел од дефибрилаторот се одликуваат со променета боја на бакарните спроводници, сивкаста боја, која настанува при високи температури, како последица од претходно механичко оштетување на кабелот настанала електрична куса врска која предизвикува прегревање во бакарните спроводници и доведување до палење на изолацијата. Струјата на куса врска е неколку кратно повисока од номиналната и како најосетливо место е приклучната кутија од продолжителниот кабел, посочи Рубин Бошковски.

Сведочеше и професорката Анита Грозданова од Технолошко-металуршкиот факултет која ги испитувала материјалите од кои е составена модуларната болница.

За сите материјали и за пур-пената, и за ПВЦ, и за полистиренот, за сите беа направени термички испитувања на времето и температурниот опсег на нивно разградувања. Испитувањата беа направени според стандардот во инертна средина и ради симулирање на условите во модуларната болница во воздушна средина. Бидејќи во воздушна средина е присутен кислородот, а во инертна не е присутен кислородот. Испитувањата покажаа дека за сите материјали кои што се предмет на моето вештачење, термичната стабилност и разградбата започнува за 10 до 15 степени порано во воздушна средина, посочи Грозданова.

Судењето ќе продолжи на 2 март со сведочење на уште еден вештак предложен од Обвинителството по што ќе се презентираат писмени докази предложени од одбраната.

Пред почетокот на судењето од 9 часот пред судот се собраа неколку стотини граѓани во знак на поддршка на д-р Бобан Вучевски, кој е еден од тројцата обвинети.

Да му дадеме поддршка затоа што го местат докторот, но ние народот знаеме дека тој е во право и му даваме поддршка. Нема тој вина. Како може доктор да биде крив за ова, го поддржуваме да не го осудат. Секој доктор сака да спаси некого, а не да отепа некого. Судиите да внимаат како судатизјавија присутните граѓани.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.