Ни Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески, ниту вишите јавни обвинители имаат прaво да се мешаат во работата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, вели шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска.

Таа го учи Јовески дека Обвинителството е само странка во постапката и не е суд.

Дали барањето за претрес е законито, одлучува Судот, а не Јавниот обвинител. Тој е само странка во постапката – заклучува Русковска.

Претходно Јовески во јавноста се огласи со заклучоци дека Русковска во случајот Претрес во Финансиската полиција, потпишала да се изврши таму незаконски претрес.

Дека постапката била незаконска, според Јовески докажува тоа што наводно трите обвинителки кои ја водат постапката, му дале погрешни информации на судијата на претходна постапка, за да ја потпише наредбата за претрес кај директорот Арафат Муареми. Јовески меѓу другото кажа и дека освен одделот за постапување со кривични дела од лица со полициски овластувања, никој друг нема право на такво нешто.

Прашање е дали директорот на УФП има полициски овластувања, со оглед на тоа дека него го именува Владата – вели Русковска.

Таа смета дека за евентуална повреда на постапката од нивна страна, одлучува судот, а не Државниот јавен обвинител. За да се покрене такво нешто, продолжува таа, треба да биде поднесена жалба до судот, во случајов од директорот Муареми, но тој не поднел.

За наодите на Јавниот обвинител на РМ разбравме од медиумите. Сметам дека најпрво ние требаше да ги добиеме. Не е добро една иста институција да се расправа преку медиуми. Што се однесува до наодите, согласно член 56 став 4 од Законот за јавно обвинителство, Јавниот обвинител на РМ и вишите ЈО, немаат право да се мешаат во постапувањето по конкретен предмет. Ова значи дека од Јавното обвинителство на РМ излегле надвор од законот – категорична е Русковска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.